Лидерот на Беса Биљал Касами оди во вториот круг на изборите за градоначалник на Тетово, а таму ќе се трка со Теута Арифи од ДУИ. Интересно во оваа ситуација е тоа што двете партии се владин партнер на СДСМ. Па, сега се поставува прашањето на кого ќе му ја даде поддршката СДСМ. И Беса и ДУИ очекуваат гласовите на владејачката партија во Тетово да се слеат на нивна адреса.

Аријанит Хоџа, шеф на изборниот штаб на Беса, воедно и министер во Владата на Заев, вели дека од СДСМ очекуват поддршка за Касами.

„СДСМ треба да има и мотив повеќе од оној базичниот за промена на врвот во Тетово, односно за смена на Арифи. А тој мотив повеќе е што доколку победи Касами, СДСМ во парламентот ќе добие едно пратеничко место повеќе. Тоа е добра математика”, вели Хоџа за МКД.мк.

Синоќа, во емисија на ТВ 21, Елми Азири, потпретседател на Алијанса за Албанците изјави дека неговата партија ќе ги повика гласачите во Тетово да го поддржат Касами, велејќи дека е битно да се смени Теута Арифи „зашто заслужува нула гласови”. Азири дури и најави средба и преговори со Беса.

Се чини како ваквата негова изјава да не беше координирана со коалицискиот партнер Алтернатива, бидејќи веднаш во емисијата се јави портпаролот на Алтенратива Орхан Муртезани со куса порака:

„Објавувам дека Алтернатива не го поддржува Биљал Касами во Тетово”.

Ако СДСМ даде поддршка за БЕСА, тогаш со оглед на тоа дека Касами е пратеник, оваа партија ќе добие уште едно пратеничко место во Собранието.