Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети, кои оваа година се реализираат под името „Каде што срцето е дома“. Целта е преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната средба со новинарите, на која присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека посетите ќе бидат корисни од повеќе аспекти. Ќе се слушнат и предлози и идеи за процесот за измени на Законот за локална самоуправа, а од увидот на градежните активности на проектите финансирани од централниот буџет, локалните власти ќе можат да ги пренесат искуствата и потребите во пресрет на очекуваниот втор јавен повик.

„Почнавме отворено како Влада, ќе продолжиме со уште зголемена динамика, затоа што сметаме дека со непосреден контакт и градење на партнерство помеѓу власта и граѓаните ќе најдеме механизми и соодветни решенија за да се надминат сите препреки со кои се соочуваат локалните саоуправи. Императив ни е градењето на партнерски однос со граѓаните. За нас, нивниот интерес е пред сѐ и над сѐ“, порача министерот Перински на денешната средба со новинарите на која го најави продолжението на посетите на општините.

„Каде што срцето е дома“ во периодот што следи, ќе ги посети сите скопски општини, а ќе се реализираат средби со градоначалниците, членовите на општинските Совети, со невладини организации, бизнис секторот, културни, спортски работници, воопшто со сите заинтересирани граѓани, а ќе се врши увид и на проектите финансирани од централниот буџет.

„Планирани се и еднодневни посети на Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и Прилеп, на кои ќе се вклучат и претставници од општините од регионот.

Премиерот Мицкоски изрази задоволство од посветеноста на Министерството за локална самоуправа за развој на општините, што заедно со владините мерки е показател дека власта создава услови за поквалитетен живот на сите граѓани.

„Проектите се дел од владината програма за инвестиции во општините. Добро е овој процес да поминува транспарентно и добро е граѓаните одблиску да го дознаваат она што ќе го работиме како Влада преку соодветните министерства, а целиот процес го координира Министерството залокална самоуправа“, истакна премиерот Мицкоски, на средбата со новинарите која се одржа во реновираниот Клуб на пратеници.

Објектот во изминатиот период се реновираше со цел враќање на неговиот препознатлив и достоен лик за почит.

„Ова е уште еден показател за одговорното управување и домаќинско работење на Службата со која успешно се надминати затекнатите проблеми во Клубот“, истакна Ивица Томовски, директор на СОЗР.