Иако наполни 75 години, Доли Партон и понатаму ги воодушевува гледачите со својот глас, изглед и начин на размислување…
Во изминатите години имавме прилика да го слушаме подкастот „Dolly Parton’s America“, да ја погледнеме серијата на компанијата Нетфликс, „Dolly Partonʼs Heartstrings“, да ја прочитаме книгата „Songteller“ и да го заокружиме сето тоа со божиќното остварување „Christmas on the Square“. Се чини дека љубовта не познава граници, и дека во случајот со оваа дама и публиката тоа е реципрочно. Иако со некои изјави знаеше да ја допре политиката, таа секогаш ја надоместуваше со духовити и мудри зборови на сметка на други животни теми. Во воведниот дел, вреди да се истакне дека нејзината кариера трае неверојатни 50 години, во кои успеа да спои различни вкусови и генерации.
Во денешниот текст, решивме да се потсетиме на нејзините највпечатливи изјави, кои не се тесно поврзани со музиката, туку со животот со сите свои подеми и падови.
-
За феминизмот
„Јас бев првата жена која запалила градник – на пожарникарите им беа потребни 4 дена да го изгаснат огнот“.

-
За непредавањето
„Кога човек ќе дојде во некои години, многумина мислат дека тоа е крај. Но, јас никогаш нема да запрам. Ќе продолжам да снимам плочи, по цена и да ги продавам од багажникот на мојот автомобил. Јас тоа сум го правела, и повторно би била спремна за тоа“.
-
За смислата на животот
„Не дозволувајте да бидете премногу зафатени со грижата за пари додека животот ве одминува“.

-
За паметот
„Изгледам како жена, но мислам како маж. Соработував со мажи кои сметаа дека сум блесава како што изгледам. Кога конечно сфатија, ги добив парите што ги барав и заминав“.
-
За храброста
„Никогаш нема да дадете се од себе, освен ако не сте доволно храбри и одважни да се осмелите“.

-
За убавината
„Потребни се многу пари за ваков „евтин“ изглед“.
-
За слободата на избор
„Нема да се ограничувам себе си, само затоа што другите не можат да се помират со тоа што јас имам повеќе таленти“.
-
За чувствата
„Не го скаменив срцето, затоа што сакам да чувствувам. Кога боли, боли до коска. Кога плачам, рикам. Кога ќе полудам, полудувам целосно. Јас сум личност како и секоја друга. Сакам да го проживеам секое чувство и искуство на мојот пат “.
-
За несоодветните шеги
„Не ме навредуваат глупави шеги на сметка на русокосите, затоа што знам дека не сум глупава… а исто така знам и дека не сум русокоса“.

-
За оптимизмот
„Јас работите ги гледам вака, ако сакате да видите виножито, мора да го издржите дождот“.
-
За вистинските вредности
„Јас секогаш ќе ги бројам моите благослови, а не банкнотите. Јас не работам за пари. Никогаш парите не ми биле целта“.
