Во извештајот на Институтот за проучување на војната (ISW) со седиште во Вашингтон, кој ги оценува намерите на Русија да води сериозни преговори со Украин, се вели дека Русија нема намера со добра волја да се вклучи во сериозни преговори со Украина.
Како што беше наведено, во писменото интервју за АФП на 9 декември, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова нагласи дека максималистичките цели на Русија во Украина не се променети, повторувајќи го барањето на Кремљ за целосна украинска политичка капитулација и прифаќањето на Кијив на руските воени и територијални барања што сугерира на отсуство на каква било подготвеност за сериозно преговарање.
Таа тврдеше дека „сеопфатна, одржлива и правична резолуција“ во Украина може да се случи само ако Западот престане да ги „пумпа вооружените сили на Украина со оружје“ и дека Украина ја предаде украинската територија за која Русија претендира. Захарова го нагласи долгогодишното тврдење на Кремљ дека Русија ја нападнала Украина заради „демилитаризација“, „деназификација“ и „да ги обезбеди правата на граѓаните што зборуваат руски“ во Украина.
Според аналитичарите на ISW, коментарите на Захарова јасно го истакнуваат фактот дека првичните цели на руската целосна инвазија на Украина, како што ги постави рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари 2022 година, не се променети и дека Путин нема намера да стави крај на војната доколку не се остварат неговите максималистички цели.
„ISW продолжува да оценува дека Русија нема намера да се вклучи во сериозни преговори со Украина со добра волја и дека преговорите за руските услови се еднакви на целосно предавање на Украина и на Западот“, се вели во извештајот.
Барањето на Захарова Украина да ги повлече своите трупи од, според неа „руската територија“ како неопходен предуслов за решавање на војната сугерира дека максималистичките цели на Русија вклучуваат контрола на целината на четирите региони од кои незаконски анектираше делови. Тоа се регионите Донецк, Луганск, Запорижја и Херсон.
Аналитичарите на ISW веруваат дека повиците за капитулација на Украина под сегашните околности на руска контрола на украинската територија до сегашната линија на фронтот се веќе неприфатливи од гледна точка на виталните украински и западни национални безбедносни интереси.
„Руското барање за уште пообемно предавање на територијата под контрола на Украина, која руските сили веројатно би можеле да ја освојат само по цена на огромна дополнителна крв, богатство и време, доколку воопшто можат да го сторат тоа, покажува дека целите на Русија далеку го надминуваат задржувањето на територијата што руските сили веќе ја зазедоа“, се вели во извештајот.
ISW додава дека руските сили продолжуваат да спроведуваат офанзивни операции во источниот регион Харков, за кој Русија не тврди дека го анектирала, што сугерира дека територијалните цели на Русија може да бидат уште попространи од оние што ги наведе Захарова.
Подготви: Д. Мишев