Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица –  19 – годишник и 53 – годишна жена кои заедно се осомничени за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ЈОРМ, по добиени информации од двајца сведоци, полицијата во текот на вчерашниот ден најпрвин извршила претрес во стан во кој престојувал осомничениот и пронашла вкупно 16 пакувања наркотична дрога – марихуана со нето маса од 23,95 грама и 0,24 грама кокаин.

Потоа, сведоците посочиле дека повремено осомничениот ги упатувал да набавуваат наркотична дрога и од неговата соизвршителка со која заедно се договориле да држат наркотична дрога марихуана и кокаин за неовластена продажба.

Во домот во кој привремено престојувала осомничената исто така бил извршен претрес, а полициските службеници пронашле уште 279,3 грама марихуана, 16,43 грама кокаин, како и дигитални ваги и други предмети со траги од наркотична дрога.

Осомничената е лишена од слобода, додека осомничениот е во бегство. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата, стои во соопштението.

Притворската мерка е определена, а за осомничениот по кој се трага ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.