Македонскиот ракометен вицешампион Алкалоид го освои првиот бод на меѓународната сцена. Во својот прв натпревар на гостински терен во ЕХФ Европската лига, избраниците на тренерот Кирил Лазаров, вечерва одиграа нерешено, 29:29 против шпанска Логроњо Ла Риоха.

Алкалоид во неколку наврати се враќаше по негатива од три и четири голови, за на почетокот на второто полувреме, по серијата од 5:0, да дојде до првото водство со 21:20.

Во финишот домаќините влегоа со предност од 28:25, но нашиот претставник не се предаде, во последната минута имаше и „зицер“ за водство, но на крајот стигна до бод.

Најдобар стрелец во македонскиот тим беше Бинго со седум гола, шест гола додаде Џонов, а четири реализации имаше Велковски. Одлична партија имаше и голманот Трајковски со десет интервенции.

Во следното коло во Европската лига на ЕХФ, Алкалоид на 14 ноември се среќава со Бјерингбо-Силкерборг во Скопје.