Иранските хакери кои месециве ја нападнаа Албанија, покрај нападот на системот за гранична контрола ТИМС, влегле и во системот за надзор со безбедносни камери. Ирански хакери објавија неколку видеа од полицискиот систем со камери низ Тирана, Пешкопија, аеродромот Ринас, но и од граничните премини. На сликите се гледаат различни простории во полициските станица и дирекции, чекални со граѓани или просториите за притвор. Датумот на камерата покажува дека хакерите добиле пристап во месеците јуни, јули, август и првите денови од септември.

Но, дури на 7 септември Албанија ги откри сајбер нападите кои, според неа, дошле од Иран. Ова предизвика Тирана да ги прекине дипломатските односи со Техеран, а нападите ги потврдија и НАТО и САД.

За време на големиот сајбер напад на 15 јули беше блокиран државниот портал „е-Албанија“ кој нуди голем број на дигитални услуги, како што се уписи во училиштата, апликации за лични документи, регистрација на имотни права и регистрација на деловни податоци. Според американската ФБИ, вирусот што го уфрлиле Иранците бил во системот цели 14 месеци пред да биде откриен./Alsat.mk

Прикажи повеќе