„Од национален интерес на бугарската држава е да се најде решение за деблокирање на спорот со Северна Македонија. Ова беше кажано во воведниот говор на лидерот на партијата „Демократска Бугарија“, веднаш по конституирањето на новиот парламентарен состав во Софија. Христо Иванов од говорницата на бугарскиот парламент рече дека новиот состав треба да собере сили да и го отвори патот на Македонија кон ЕУ.

Advertisements

„Ние како нов парламентарен состав мора да застанеме зад националните интереси, покажувајќи храброст и истрајност да најдеме решение за проблемот со Република Северна Македонија. Ние мора да се придржуваме до вистината, но исто така мора да најдеме начин заедно да станеме членки на Европската унија, бидејќи тоа е стратешки национален интерес на Бугарија“, рече Иванов.

Најстарата бугарска пратеничка, Мика Зајкова, во својот говор рече дека народот не му дал мнозинство на никого, давајќи силен сигнал до политичарите дека треба да работат заедно.

„Нашиот мудар народ ни кажа нешто многу важно на изборите. Прво – дека тој повеќе не сака да живее вака, тој сака промени. Сите партии на промени го зголемија својот резултат. Нема да биде лесно или брзо, но можно е. Ова го покажаа нашите колеги од привремената влада, кои досега работеа“, рече Мика Зајкова, пратеничка на партијата „Има таков народ“.

По заклетвата на 240 бугарски пратеници, парламентот ќе ја започне својата работа. Со 137 гласа „за“ и 99 „против“, за претседател на Собранието е избрана адвокатката Ива Митева од партијата „Има таков народ“. По завршувањето на конститутивната седница, привремениот премиер Јанев рече дека се надева на брзо формирање на функционална влада.

Аднан Ќаили