Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека групната фаза од Мундијалот во Катар била „најдобрата досега“ поради бројот на изненадувања, како и поради географската распространетост на репрезентациите кои се пласираа во осминафиналето.

Advertisements

„Резултатите од првата фаза на Светското првенство покажуваат дека фудбалот станува уште поглобален спорт, а доказ за тоа се поразите на светските шампиони Аргентина, Шпанија, Германија, Бразил и Франција од селекциите од Африка, Азија и Северна Америка“, изјави Инфантино.

Првиот човек на ФИФА лично присуствуваше на сите натпревари од осминафиналето, како и на голем број натпревари во првата рунда, со оглед на малото растојание меѓу стадионите.

„Ова првенство се игра на прекрасни стадиони во фантастична атмосфера, а натпреварите донесоа одлични голови, неверојатни возбудувања и изненадувања. Веќе не можеме да зборуваме за мали и големи тимови. Нивото на игра е многу, многу подеднакво. За тоа говори и фактот што за првпат сите континенти имаа свои претставници во осминафиналето“, додаде Инфантино.

До крајот на Светското првенство во Катар преостануваат уште три фази, а четвртфиналната започнува в петок со натпреварот Хрватска – Бразил.