Најбогатиот Британец, Џим Ретклиф, испрати официјална понуда за купување на Манчестер Jунајтед. Неколку часа пред истекот на рокот за испраќање на понудите, беше објавено дека покрај шеикот Џасим Бин Хамад Ал Тани, понуда испратил и сопственикот на „Инеос“.

Advertisements

Засега тоа се единствените две понуди кои се потврдени, а извори блиски до сопственикот на Ница велат дека негова желба е „да го врати Манчестер во Манчестер јунајтед“. Ретклиф е навивач на Јунајтед уште од детството и неколку пати претходно навести дека би сакал да биде сопственик на клубот од „Олд Трафорд“.

Тој беше официјално заинтересиран за купување на Челзи минатата година, но клубот потоа беше продаден на американски конзорциум на чело со Тод Боели. Се уште нема информации колку Ретклиф е подготвен да плати за да го преземе клубот. Познато е дека катарскиот шеик понудил пет милијарди евра за да стане сосптвеник на клубот.

Семејството Глејзер, кое е актуелен сопственик на клубот, верува дека може да постигне цена од шест милијарди.

„Јас сум навивач на Манчестер јунајтед. Се сеќавам на тој натпревар во Барселона во 1999 година, бев таму. Тоа е длабоко врежано во моето сеќавање”, изјави пред неколку месеци Ретклиф за „Фајненшл Тајмс“.

Инаку, сопственикот на „Инеос“, одамна е присутен како инвеститор во светот на спортот. Покрај тоа што ги поседува Ница, Лозана и Расинг Абиџан, тој е сопственик и на велосипедскиот тим Инеос Гренадиерс и има удел во Формула 1 тимот на Мерцедес./Makfax/