Еден ден по престојот на Косово на емисарот на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, кој се сретна и со лидерите на опозицијата, високи претставници на Демократската партија и Демократскиот сојуз на Косово велат дека Курти се согласил со сè во европскиот план. Сега остануваат само денови за да го потпише договорот со Вучиќ, заедно со анексот за негова имплементација. Според нив, единствено ќе се преговара датумот на формирање на Заедницата на општините со српско мнозинство.
„Премиерот веќе се согласил со сè во тој план и прашање на денови е кога ќе биде потпишувањето“, рече Влора Читаку, потпретседателка на ДСК.
Најмногу критики денеска стигнаа од пратеникот на Демократскиот сојуз, Авдулах Хоти. Тој е песимист дека Курти ќе ја истурка својата агенда во однос на анексот на планот на Европската унија.
„Овие не можат ништо да преговараат. Каква деградација на процесот е што сега дијалогот се носи во Скопје и се носи само за преговарање на датумот за основање на Заедницата и посебниот статус на Српската православна црква, односно модалитетите за самоуправување на српската заедница на Косово“, нагласи Авдулах Хоти, пратеник на ДСК.
Од друга страна, владините претставници на Косово не реагираат во врска со преговорите за спроведување на планот за дијалог на ЕУ и можноста тој да биде потпишан на 18 март во Охрид. Во текот на оваа недела во Косово престојуваше Мирослав Лајчак. По средбите тој рече дека неговите очекувања од косовската страна се исполнети. На почетокот на следнава недела тој ќе престојува и во Белград. Потоа на 18 март во Охрид ќе се одржи средба на тројката Курти – Лајчак и Вучиќ./Алсат.мк