Во текот на третата недела од 2023 година (пд 16 до 22 јануари), во Македонија се пријавени 1.135  случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е за 15,7% помалку во споредба со претходната недела, но е и за 3,2 пати повеќе во однос на истиот период од минатата година, велат од Институтот за јавно здравство. Во однос на моделот од последните 12 сезони се регистрира зголемување од 3,1%, се вели во анализата на Институтот.

Во периодот од 16 до 22 јануари во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравство пристигнале 142 материјали за лабораториско тестирање истовремено и за грип и за ковид-19, при што 23 тестови биле позитивни на вирусот на грип, поточно, 5  на инфлуенца  A/Х3, 5 позитивни на инфлуенца А/Х1, 12 на А несубтипизирани и еден  позитивен примерок на РСВ.

Од почетокот на сезоната на грип со лабораториски тест се потврдени 132 случаи на грип.

Починати се тројца пациенти кои биле позитивни на вирусот на грипот, а кои, според анализата на Институтот, имале претходни болести и не биле заштитени од вирусот со вакцина.

Грипот забрзано се шири низ Европа, 33 од 40 земји пријавиле висок или многу висок интензитет и широко распространета активност на вирусот што укажува на висока циркулација на сезонски грип низ регионот. Ерменија, Финска, Израел, Црна Гора, Полска, Молдавија и Словенија пријавија над 40% позитивност во сентинел системот од примарната здравствена заштита. Се детектираат вирусите на грип тип А и Б.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.