Хрватската научничка и молекуларен биолог, Жељка Трепотец, која работи во Минхен, за телевизијата „Н1“, зборува за вакцината против корона вирусот, која се темели на информациска РНК.
Овој вид вакцини се темелат на информациска РНК, а во нашиот организам се внесуваат само упатства кои им ги даваме на ќелиите кои пак, понатаму прават протеини врз основа на кои нашиот организам понатаму создава имунитет. Што се однесува на обичните вакцини, најчесто се користат ослабени вируси или живи вируси кои се внесуваат во нашиот организам и на кои нашето тело стекнува имунитет – вели Трепотец.
Таа смета дека причина за одредениот отпор во јавноста кон вакцинацијата против корона вирусот е недостатокот од информации. Таа вели дека народот има страв од оваа вакцинација, затоа што вакцината е нова, прва од тој вид која е одобрена, а не се запознаени со микробиологијата што стои зад вакцината.
Трепотец детално објаснува што точно човекот внесува во организмот кога се вакцинира против корона вирусот.
Лицето кое ќе прими вакцина против корона вирус од овој вид прима РНК, значи рибонуклеинска киселина спакувана во липидна наночестичка. Значи, имаме слој липиди и внатре се наоѓа РНК. Кога тоа ќе влезе во клетката, таа ќе створи протеин кој инаку е дел од вирусот, значи во организмот не внесуваме никаков дел од вирусот, туку само упатство како да настане еден протеин од вирусот на кој нашето тело реагира – вели таа.
Трепотец се осврнува и на бројните теории на заговор кои се поврзуваат со вакцината, како тоа дека вакцината ќе го менува генетскиот код или дека е поврзана со абортирани фетусни ќелии.
Кај оваа вакцина ни едната ни другата теорија не држат вода, тоа едноставно е невозможно. Знаеме дека ДНК е сместена во јадрото, таа се препишува во РНК, која доаѓа во цитоплазмата. Ние само го правиме тој чекор па директно РНК ја внесуваме во цитоплазмата. Нашата РНК, која доаѓа со вакцината, нема да дојде до јадрото, не може да го промени нашиот геном и не може да влијае на ништо, затоа што тоа е нестабилен молекул кој ќе биде во нашите ќелии само два, три дена, ќе ја заврши својата работа и ќе исчезне. Оваа вакцина е прва од тој вид која воопшто не произведува во ќелиите, ни во ќелиската култура, синтезата е хемиска, се се случува ин витро, значи во епрувети и нема допир со живите ќелии – вели Трепотец.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.