Претставничкиот дом на Холандија на 8 декември усвои резолуција со која се повикува нејзината влада да се заложи во Брисел за привремено суспендирање на безвизниот режим за Србија, доколку Србија не се усогласи со визната и надворешната политика на ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Предлогот имаше поддршка и од владејачката коалиција и од пратениците од опозицијата, пишува порталот European Western Balkans.

Пратеникот Јеорен ван Вајнхарден на Твитер сподели дека неговиот предлог бил поддржан од Претставничкиот дом на холандскиот парламент.

-Долниот дом го поддржува нашиот предлог за построг пристап кон Србија доколку претседателот Вучиќ не ги поддржи санкциите против Русија. Прекинувањето на процесот на пристапување на Србија во ЕУ може да стане опција. Нема да се двоумиме да го искористиме, изјави Ван Вајнхарден.

Ден пред покренувањето на резолуцијата во парламентот, истиот пратеник доби одговори на пратеничките прашања за зголемената миграција низ Србија од државниот секретар за правда и безбедност Ерик ван дер Бург. Тој рече дека владата „ја дели загриженоста на еврокомесарот Јохансон за зголемениот проток низ Србија и гледа потреба да се спротивстави на протокот низ Западен Балкан“, но ги поздравува и чекорите преземени од Србија во однос на усогласување со визната политика на ЕУ и ќе продолжи да го следи развојот на ситуацијата и да врши притисок доколку е потребно.

Во институционалниот систем на Холандија, Парламентот има мандат да и дава насоки на Владата за водење на надворешната политика. На пример, кога Холандија го блокираше отворањето на преговорите со Албанија, таква иницијатива дојде од парламентот.

Резолуцијата на холандскиот парламент бара суспензија на безвизниот режим за Србија преку механизмот за „итни сопирачки“ најдоцна до март 2023 година, „со оглед на тоа што Србија сè повеќе ја поткопува надворешната политика на ЕУ поради нејзиниот добронамерен однос кон Русија и непочитување на санкциите на ЕУ“, но и поради неусогласување на визниот режим, поради што во текот на 2022 година голем број нерегуларни мигранти преминаа во ЕУ токму преку Србија.