Хирурзите од Општата болница „8 Септември“ од понеделник најавуваат протести. Како што велат, причина за ваквата одлука е недостигот на капацитетите на операционите сали. Од вкупно шест, четири сали се претворени во соби каде се третираат ковид-пациенти. Дневно во функција се само две сали, велат тие. Затоа, преку писмо кое го испратија до министерот за здравство, Венко Филипче, известија дека од понеделник веќе нема да оперираат, со исклучок на пациентите во животозагрозувачка состојба.

„Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, велат од Хируршкиот колектив.

Хирурзите додаваат дека пациентите кои не се во критична состојба, не можат да добијат ниту термин за хируршка интервенција поради недостиг на операциони сали.

По најавите за протести, со реакција се јави и директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов.

Тој објаснува дека секаде во светот има редуцирање на капацитетите и медицински персонал поради третирање на заразените пациенти. Додава дека операционите сали не работат со целосен капацитет поради тоа што нема доволно анестезиолози.

„Cогласно бројот на анестезиолози, земајќи го во предвид и бројот на оправдано отсутни, заради болест, нивниот ангажман во ковид одделенијата, редуцираниот број на хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на Ковид позитивни пациенти согласно препораките на Министерството за здравство во кои е потребен поголем број на медицински персонал, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури). И овие интервенции се одвиваат без застој“, истакна Христијан Костов.

Костов заклучува дека неговите колеги ќе продолжат да третираат ковид-пациенти и ќе останат дел од овој процес сѐ додека не се создадат услови за работа на хируршкиот колектив во полн капацитет.