Десетици жители од населбата Бутел 1 протестираа во близина на нивните куќи за да ги стопираат градежните работи што се очекува да ги изведува Град Скопје. Се предвидува отворање на нов пат кој треба да поминува низ дворовите на 16 куќи, кои, според Град Скопје, се државна сопственост. Но, жителите се противат на ваквата одлука со тврдење дека нивните дворови се веќе легализирани и за нив имаат докази.

„Бараме овој пат да се пренесе таму затоа што е сопственост на државата, зошто да влегуваме низ дворовите кога таму има доволно простор, ако нема тајна за зграда или друг план. Можеби зад нив стојат групи за кои не знаеме. Поштарот ни ги донесе повиците, одлуките на Град Скопје дека за три дена треба да ја ослободиме узурпираната земја“, вели жител на Бутел 1, пренесува АлсатМ.

Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски рече дека нема да дозволи градење за нечии интереси, во случајов изградба на неколку станбени згради.

Од Градот Скопје одговорија дека немало да се вклучи во коментирање на политичари и на политизирање на, како што наведоа, каква било деструктивна и блокирачка активност од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците од нивните редови. Според Град Скопје, трасата на улицата „Боца Иванова“ е предвидена со Генералниот урбанистички план и целата нејзина должина лежи на државно земјиште.