Граѓаните со блокирани сметки кои ги има на списокот на корисници на државната помош од 6.000 денари нема да останат со празни раце. Со соопштенија на своите веб-страници банките ги повикуваат најдоцна до петок, 25 овој месец, да дојдат и да си ги ажурираат податоците. Потоа ќе им отворат наменски сметки на кои ќе легне помошта, која ќе можат да си ја подигнат.

-За клиентите кои имаат блокирани сметки банката ќе отвори посебна наменска сметка на која ќе бидат префрлени средствата од финансиската поддршка. Со цел комплетирање на документацијата за оваа сметка клиентите задолжително е потребно да се обратат до најблиската експозитура најдоцна до петок, 25 декември, информираат банките.

Некои од банките опоменуваат дека по тој датум сметките ќе им бидат блокирани.

Исто така, ги повикуваат и граѓаните кои немаат трансакциска сметка да дојдат во најкус можен рок за да им се отвори, за да можат да ги добијат парите.

Дел од банките ги информираат своите клиенти корисници на таа помош дека ќе им испратат СМС-пораки за деталите околу исплатата.

Овие средства почнаа да се исплатуваат во понеделникот. Граѓаните збунети и недоволно информирани направија голем метеж пред банките, а дека не им е потребна дебитна картичка, како што беше предвидено со законот и дека парите може да ги подигнат и во готовина дознаваа кога ќе стигнеа на шалтер. Редици пред банките и понатаму има, а најголем дел од граѓаните кои излегуваат од нив велат дека парите си ги земале во кеш од шалтер.

Од Владата информираа дека во понеделникот и во вторникот се исплатени 27,3 милиони евра наменети за 283.000 граѓани. Оттаму немаат конкретен одговор зошто и кога е сменет концептот со овие средства да се купуваат само домашни производи. Сега со помошта од шест илјади денари во кеш или со картичката што ја поседуваат граѓаните може да пазарат и домашни и увозни производи, но и да плаќаат сметки за комуналии и друго.

Владиниот портпарол Душко Арсовски на вчерашната прес-конференција во Владата изјави дека сепак, немало отстапување од концептот и дека во секој случај се помага економијата.

-Владата направи сè за да ги отстрани сите процедури што ја отежнуваат помошта. Не е отстапено од концептот, само е поедноставена процедурата парите да дојдат кај граѓаните. Парите во секој случај остануваат во домашната економија и тоа во овој период е многу важно, рече тој.

Оваа помош е една од мерките од четвртиот антикризен пакет. Ја добиваат пасивните баратели на работа, корисниците на социјална пензија, пензионерите со минимална пензија, студенти, средношколци, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Со впишување на матичниот број на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk граѓаните може да проверат дали ги има на списокот на корисници на ова помош, а ако сметаат дека треба да ја добијат, а ги нема на списокот, треба да поднесат приговор до Генералниот секретаријат на Владата. Досега се поднесени 70.000 приговори.

(С.В.)