Со почетокот на пандемијата, особено во првата половина од годината се зголемува и интересот кај граѓаните за приватно здравствено осигурување кое ги покрива здравствените услуги и во приватните болници. 10 осигурителни компании склучиле 9.870 договори за приватно здравствено осигурување на 38.365 лица во првата половина на годинава. Во полиси за приватно здравствено осигурување за првите шест месеци осигуреници вложиле 232,5 милиони денари. Исплатените штети за приватно здравствено осигурување достигнаа 1,5 милиони евра.

„Приватното здравствено осигурување е осигурителен производ кој последната година во време на пандемија доживеа екстремен и забрзан раст. 38% во првите шест месеци од оваа година имаме раст на приватното здравствено осигурување во однос на истиот период минатата година. Она што е уште побитно е дека износот на исплатените штети е за 87 % повисок во однос на исплатените штети на име приватно здравствено осигурување во истиот период од минатата година.“, рече Крсте Шајноски.

Од осигурителните компании потврдуваат дека е зголемен инетерсот за приватно здравствено осигурување и дека за нив е предизвик овој релативно нов производ од кој и не можат да се пофалат со голема добивка во време на пандемија, но тука е вклучена и морално-социјалната компонента.

„Она што го следиме будно е оној предлог на Владата да се ограничат цените на услугите на приватните болници за лекување од Ковид, затоа што во моментов таму нема горен лимит до колку може да чини фактурата за еден пациент, а она што го слушаме е дека нема ни точен третман како пацинетите унифицирано можат да се лекуваат тоа зависи од случај до случај и тие непознати за нас се голем проблем, бидејќи не знаеме доколку би се впуштиле до каде ќе го носиме ризикот.“, вели Митко Теохаров.

„Интересот е зголемен, но и штетите се зголемени преку 430 оваа година до денес, овој производ произведува големи трошоци, не произведува добивка која би значела нешто за компанијата, но тоа е она што ние како одговорна компанија кон осигурениците треба да го знаеме.“, вели Љувбен Русомароски.

Овој износ на исплатени штети во бруто исплатените штети веќе достигнува 5% од вкупно исплатените штети што е сериозен раст во сегментот на исплатени штети во осигурителниот бизнис. Во првите шест месеци годинава осигурителните компании кои продаваат полиси за приватно здравствено осигурување исплатиле 9.144 оштетни побарувања на свои осигуреници. Највисоката поединечна исплатена штета покриена со приватно здравствено осигурување изнесува 610.000 денари (10.000 евра).