Една од основните одговорности на секој градоначалник е да обезбеди чистота и поголема хигиена на јавните површини, како клучен фактор за квалитет на живот во општината или градот. Но, кај нас, овие приоритети изгледа се ставени некаде на крајот, како последни за нивна реализација. Пример за тоа се нефункционалните комунални служби на Град Скопје за одржување на чистотата во централното градско подрачје.
Откако Центар минатата недела се соочи со неисчистени јавни површини и преполни контејнери со смет од страна на Град Скопје, кои се надлежни за чистење на одредени улици во оваа општина, градоначалникот Горан Герасимовски започна голема акција за чистење.
Најпрво, Герасимовски тргна да го отстранува сметот од улиците каде што надлежност има токму Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска. Се чистеше на повеќе локации во Центар – Дебар маало, Маџир Маало, на Кале, улицата 50 Дивизија под Клиничкиот Центар, понатаму улицата „Рузвелтова“ и околу Соборниот храм. Се исчисти купиште ѓубре која Град Скопје како надлежна институција повеќе од две недели немала исчистено.
Оваа активност одекна позитивно во јавноста затоа што ниту еден градоначалник досега хигиената ја нема ставено во прв план на работа и на комуникација, а тоа треба да биде основната задача. Акцијата трае една недела, а позитивни се коментарите и од страна на граѓаните.
Во изјави за медиумите, Герасимовски постојано упатува апели до надлежните институции да се фатат за работа, но утрово граѓаните повторно се соочија со истата неубава глетка како од минатиот викенд кадешто градската администрација потфрли во чистењето на општината.
„Утрово, повторно се соочивме со истата грда глетка од минатата недела. Контејнери преполни со ѓубре, а Град Скопје не исчисти ни викендов. Нашите општински служби, веднаш го отстранија сметот којшто беше оставен на неколку локации во Центар. Постојано го повикуваме градското претпријатие комунална хигиена, но одговорот е дека имаат недоволен број на вработени и стара дотраена механизација која е делумно расипана. Но, ова не е оправдување! Чим ние, со нашиот број вработени и со сегашната механизација успеваме да го решаваме проблемот, сигурен сум дека доколку ни се дадат поголеми ингеренции, механизација и број на вработени хигиената ќе биде на доста повисоко ниво. Центар не чека, центар чисти!”, напиша актуелниот градоначалник на Центар Герасимовски.
Во акцијата која е за поздравување, активирани се 120 хигиеничари кои работат во две смени. Нашата редакција дава голема поддршка на кампањата за чистење на Општина Центар, потребно е да се грижиме за средината во којашто живееме, важно е да ги едуцираме граѓаните, но и младите дека отпадот се фрла во канта, а службите мора поажурно да си ја извршуваат работата за која се платени.
Ова е повторна слика кога летото 2023 година на горештини кои го надминуваа 40-от степен контејнерите беа претрупани со ѓубре. Герасимовски и тогаш прв покрена акција за чистење и миење на улиците по што се активираа и останатите градоначалници кои ѓубрето од општините го носеа директно во депонијата Дрисла.
Герасимовски години наназад е гласен во потребата за одржување на јавна хигиена. Тој неколкупати досега со свои ресурси и механизација чисти и онаму каде општината нема ингеренции.
Текстот Герасимовски го исчисти и ѓубрето на Данела Арсовска е превземен од МАКФАКС.