Топката која беше дел од натпреварот меѓу Англија и Аргентина на Светското првенството 1986 година и со која Марадона ги постигна двата гола за победа ќе биде ставена на аукција.
Прогнозите се дека цената ќе достигне три милиони евра. Продавач ќе биде Али Бин Насер, тунискиот судија кој беше делител на правдата на оваа средба. Аукцијата ќе се одржи на 16 ноември, како дел од специјален настан пред почетокот на Мундијалот во Катар.
Топката беше искористена за цели деведесет минути од натпреварот, кој е еден од најважните и најконтроверзните во историјата на Светските првенства.
Првиот погодок Марадона го постигна со популарната „Божја рака“, а вториот е прогласен за „гол на векот“, поради легендарниот слалом низ англиската одбрана.