Актерката Софија Вергара создаде успешна актерска кариера и покрај тоа што стана мајка на 19 години. Сепак, таа се уште се сеќава колку морала да се жртвува за сето тоа да и успее.
Софија Вергара била омажена за Џо Гонзалес од 1991 до 1993 година и со него, кога имала само 19 години, го добила првиот син, Маноло. Таа се развела од Гонзалес и останала самохрана мајка.
„Бев навистина млада кога се разведов од неговиот татко, па го одгледав обидувајќи се да му го дадам најдобриот пример и да му го овозможам најдоброто нешто. Кога луѓето ми даваат комплименти за него, кога зборуваат колку убаво е воспитан, колку е шармантен, забавен и знае да се однесува, јас во себе си помислувам дека сите жртви се исплатеа“, изјави Софија.
Иако не се кае што така млада станала мајка, смета дека се би било полесно доколку Маноло пристигнал 10 години подоцна.
Таа се присети како и се кршело срцето секој пат кога поради работата морала малечкиот Маноло да го остави кај баба му на чување.
„Мајчинството има многу врска со инстинктот, чувството на одговорност, посветеноста, па дури и со простувањето на сам себе“, објасни таа за медиумите, пренесува „Brightside“.
Денес за Софија Вергара и нејзиниот син оние кои не ја познаваат би помислиле дека се пар… тој постојано со неа е на црвениот тепих, а лудо се забавуваат и додека заедно излегуваат, готват и патуваат. Таа, сепак, се уште се грижи кога Маноло се враќа дома и се уште има потреба да го советува да „размислува со главата“.