Во паркот „Theodore Wirth“ во Минеаполис, Америка, минувачите беа запрепастени од неочекувана статуа на пештерски човек во мраз.
Фотографиите од необичната сцена брзо се проширија на социјалните мрежи и многумина сметаат дека тоа е повторно слична мистерија како монолитите што го заинтригираа светот кон крајот на минатата година.
Со денови се зборува за замрзнатиот праисториски човек, но овојпат се дозна вистината.

Зад приказната за човекот во мраз нема мистерија, туку станува збор за уметничко дело на Зак Шумак, кој вели дека неговото творештво има посебна порака за светот.

Уметникот вели дека со својата бизарна креација, тој сакал за момент да ги тргне луѓето од социјалните мрежи и да ги натера да излезат надвор и да имаат посебно искуство на отворено.
Тој за американските медиуми изјави дека сака да им даде на луѓето нешто за што можат да зборуваат – нешто позитивно.

Воедно, се надевал дека оваа необична атракција на отворено може да биде нешто што ќе ги охрабри луѓето да излезат од своите домови, да одат во паркови, да одат по патеки и да истражуваат, наместо да седат дома.
