Градот на светлината се претвори во град на духови. Ова особено важи во вечерните часови по попладневната набавка на неопходните продукти. Бутиците во центарот затвораат рано и како се замрачува, така улиците остануваат празни, а луѓето брзаат да се вратат во домовите за да го запазат т.н. „полициски час“ што од синоќа почнува во 20 часот, мерка за спречување на евентуалното ново зголемување на бројот на заболени со ковид-19.
Излозите во вообичаено „живиот“ шопинг регион останаа темни, а малкумината граѓани кои се затекнаа на отворено, брзаа кон станиците на метрото. Вчерашниот ден донесе слобода за Французите по наредбата да се седи дома. Во изминатиот период, тие можеа да излезат надвор само на ограничено време, да пазаруваат, да спортуваат или за неодложни патувања. Но, за кратко.
Таквата мерка е заменета со „полициски час“ што стапува во сила во 20 часот навечер и трае до 6 часот наутро. Во тој период, луѓето ќе може да излезат од домовите само за одење на работа, од здравствени причини и за официјални работи. Секој што ќе биде затекнат дека го прекршува „полицискиот час“, ќе се соочи со казна од 135 евра, пишува „Ројтерс“.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманен синоќа беше дел и од полициска патрола во департманот Ивлин, западно од Париз, за лично да се увери дали мерката се почитува.
– Владата реши да биде строга во врска со забранетите прослави, изјави Дарманен, пренесува бугарската агенција БТА.
По пикот на вториот бран на коронавирусот во минатиот месец во Франција, нивото наеднаш опадна. Научниците, сепак, предупредуваат на опасноста од евентуален трет бран, доколку луѓето се остават без надзор при рестриктивните мерки за време на Божикните и Новогодишните празници.