Понекогаш е полесно депресијата да се препознае преку физичките симптоми, а еве кои промени во функционирањето на организмот ги предизвикува депресијата.
Луѓето обично мислат дека депресијата е исклучиво емотивен проблем кој се манифестира само преку начинот на однесување, но истражувањата покажуваат дека и одредени промени на телото и функционирањето на организмот можат да укажуваат на оваа состојба.
Риша Батија, психијатар и член на американската Асоцијација за анксиозност и депресија, тврди дека одредени физички симптоми, како недостаток на енергија, замор и исцрпеност, се јавуваат во поголем број од случаите кај депресивните личности.
Таа исто така нагласува дека во случаите на депресија е важно да се обрне внимание и на физичките и на емотивните промени, зашто и едните и другите влијаат врз квалитетот на живот и извршувањето на основните функции. Кај некои личности прво се забележуваат физичките симптоми, а експертите објаснуваат дека тие побрзо и полесно се препознаваат во однос на емотивните промени.
Физички симптоми кои укажуваат на депресија се: промени во начинот на спиење, промени во апетитот, недостаток на енергија, недефинирана болка најчесто во главата и грбот, несоница, умор и осцилации во тежината.
Тие настануваат така што депресивната состојба влијае врз одредени делови од мозокот важни за функционирање на органите, а неочекуваната појава на болка може да биде знак за емотивен проблем.
Многубројни истражувања покажуваат дека депресијата е тесно поврзана со промените во начинот на спиење. Бидејќи таа делува различно врз мозокот на различни луѓе, кај некого се јавува несоница, а кај некого потреба да го преспие целиот ден. Неколку студии покажале дека личностите кои одмараат преку ден почесто имаат проблеми со депресија отколку оние што спијат само ноќе.
Експертите тврдат дека промените во хормоните, како и хипотиреозата (недостаток на хормони на штитната жлезада), може да претставуваат ризик од депресија.
Доколку чувствувате некој од овие симптоми треба да побарате помош од стручно лице кое ќе ја одреди дијагнозата, ќе ги утврди причините за промените на телото и ќе ви предложи терапија.