Специјализантите остануваат во фокус на СДСМ и во следниот мандат што ќе го добиеме бидејќи граѓаните ја препознаваат нашата посветеност за системско решавање на клучните прашања за здравствениот систем, вели Венко Филипче.

Во продолжение неговото ветување:

Наша цел ќе биде зајакнување на главниот столб на кој се темели иднината на македонското здравство, а тоа е задржување на младите лекари и специјалисти во земјава. Тоа ќе го постигнеме преку зголемување на платите за специјализантите и преку создавање на повеќе специјалисти што ќе останат во македонското здравство.

Специјализантите ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари.

Исто така, нашата цел е да создадеме 1.000 нови специјализанти за четири години.

Покрај тоа, планираме зголемување на квотата за студенти на јавните високообразовни установи за медицина, стоматологија и фармација и ја укинуваме партиципацијата за студирање. СДСМ и во минатото докажа дека работи на приближување на системот на здравствена заштита во земјава до здравството во земјите членки на ЕУ.

За потсетување, во изминатиот период, одобривме рекордни 931 специјализација и 130 супспецијализации.

СДСМ ќе продолжи да вложува и во другиот медицински кадар.

Планираме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Докторите специјалисти ќе имаат плата од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори плата од 120.000 денари, а медицинските сестри плата од 60.000 до 90.000 денари.

Политиката на СДСМ е јасна и конзистентна. Во изминатите години рекордно ги зголемивме платите во здравството. Основната плата на специјалистите ја зголемивме за 40%, на општите лекари за 25%, на медицинските сестри на клиниките помеѓу 20% и 23%, а на здравствените соработници за 15%. Ги зголемивме коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници и за првпат обезбедивме исплата на плати за приватните специјализанти во висина од просечната плата на општ лекар.