Истражување објавено во реномираниот бизнис магазин „Фајненшл тајмс“ наведува дека примањето трета доза од вакцината против Ковид-19 на компанијата „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд се покажало добро во производството на антитела и дополнително ја зголемило ефикасноста на вакцината кај учесниците во истражувањето.
Ова истражување доаѓа во момент кога производителите на вакцини предупредуваат дека најверојатно секоја година ќе биде потребна довакцинација (дополнителна доза) или нови вакцини за зајакнување на нивниот ефект како резултат на развојот на новите мутации и варијанти на вирусот, иако некои научници се сомневаат во оправданоста и потребата од трета доза.
„Фајненшл тајмс“ цитира изјава на лице упатено во резултатите од истражувањето, кое вели дека реакцијата на антителата на дополнителната доза од вакцината е „доволно силна против која било варијанта на корона вирусот“.
„Астра-Зенека“ и Универзитетот во Оксфорд се уште не одговориле на барањето на „Ројтерс“ за подобро разјаснување на резултатите од истражувањето, кое се уште не е официјално објавена, а „Фајненшл тајмс“ пишува дека се уште не е познато кога Оксфорд и „Астра-Зенека“ планираат да ја објават оваа информација.
Вакцината „Астра-Зенека“ се темели на нова технологија што користи модифицирана верзија на аденовируси, кои предизвикуваат обична настинка, како вектори за пренесување на „упатства“ до човечките клетки.
Заради ваквиот начин на дизајнирање вакцини, некои научници веруваат дека дозите би можеле да изгубат на својата ефикасност доколку станат годишни вакцинации неопходни во борбата против новите варијанти на корона вирусот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.