Актерката Еван Рејчел Вуд (33) и порано зборуваше за својот поранешен партнер – злоставувач, но сега со објава на социјалните мрежи го сподели и неговото име, откривајќи дека станува збор за контроверзниот пејач Мерилин Менсон.
„Името на мојот злоставувач е Брајан Ворнер, кој на светот му е познат како Мерилин Менсон“, напиша Вуд на својот инстаграм-профил.
Актерката изјави дека сè започнало кога била тинејџерка, а ужасното злоставување траело со години.
„Тој ми го испра мозокот и ме манипулираше за да ме потчини. Завршив живеејќи во страв од одмазда, клевета и уцена“, напиша Вуд додавајќи дека решила да го разоткрие овој опасен човек и да именува бројни индустрии што му го овозможиле тоа, пред да уништи повеќе животи.
Актерката однапред ги поддржа сите други бројни жртви кои ќе одлучат да го прекинат својот молк во врска со тоа.
Таа ја започнала својата љубовна врска со Менсон уште како тинејџерка, но, чекале да наполни 19 години за да соопштат во јавноста дека се заедно. Контроверзниот пејач, кој денес има 52 години, тогаш имал 38 години. Пред разделбата, двојката беше кратко свршена во 2010 година.
Гласините дека Вуд била во насилна и поданичка врска со Менсон се појавија години подоцна.
Кога минатата година еден новинар за време на интервју со Менсон му ја спомна актерката, пејачот нагло го прекина интервјуто, а неговиот тим подоцна ги негираше сите обвинувања за злоставување.
„Менсон никогаш не се воздржал од коментари во јавноста, но подеднакво, тој не мора двапати да го дава истиот коментар“, тогаш изјави неговиот портпарол.
Покрај последната објава, Вуд на социјалните мрежи сподели дека постојат уште неколку други жени кои тврдат дека Менсон ги злоупотребувал и кои сега сакаат да преземе одговорност за тоа.
Еван Рејчел Вуд за нејзината насилна врска со пејачот првпат проговори во 2016 година во интервју за „Rolling Stone“, а во 2019 година учествуваше во креирање на закон за продолжување на застареноста за случаи на семејсно насилство од три на пет години.
„Неколку пати собрав храброст да заминам, а тој постојано ми се јавуваше и ми се закануваше дека ќе ме убие. Во една прилика се вратив за да се обидам да ја олеснам ситуацијата, ме турна во еден агол од нашата спална соба и ми рече да клекнам. Потоа ми ги врза рацете и нозете. Откако бев воздржана, ме удри и ми пушташе електрошок на чувствителните делови од моето тело користејќи уред наречен „Violet Wand“. Тоа беше начин да се докаже мојата лојалност кон него, а болката беше многу неподнослива и ми се чинеше како да го напушам телото… Еден дел од мене умре тој ден“, рече Вуд во своето сведочење.