Косовскиот премиер Албин Курти, изрази решеност конечниот договор со Србија во фокусот да го има меѓусебното признавање. Курти, по средбата со претставникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека Косово преку конкретни предлози секогаш било конструктивна и креативна страна во процесот на дијалог.
„Преку подготвеноста за средби, волјата за договори и конкретните предлози што ги даваме, Република Косово се покажа како конструктивна и креативна страна во процесот на дијалогот. Подготвени сме и посветени на постигнување правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите со взаемно признавање во центарот. Секогаш го поздравуваме интересот и посветеноста на Соединетите Американски Држави во овој процес“, рече Курти.
Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека Соединетите Американски Држави и Косово имаат непоколебливо партнерство. Ескобар изрази американска поддршка за независноста, суверенитетот и безбедноста на Косово.
„Тоа е непоколебливо партнерство меѓу Косово и Соединетите Американски Држави. Разговаравме и за прашањата за односите со Србија и за регионалните импликации од дијалогот, како и важноста од континуираната американска поддршка за вашата независност, суверенитет и безбедност. Важно е да се усогласиме со европските вредности во ова време на криза на европскиот континент. Сакам повторно да нагласам дека САД го поддржуваат Косово во сите негови евроатлантски аспирации и ќе ги видиме можностите да имаме партнерство со Косово за да овозможиме такво нешто“, рече Ескобар.
Посетата на Ескобар на Косово, доаѓа во време кога се верува дека Франција и Германија им понудиле предлог на лидерите на Косово и Србија, што би можело да биде нова рамка за дијалог меѓу двете држави, за постигнување правно обврзувачки договор за нормализација на односите.
Мелихате Рустеми