На порталот за Греми награди, официјално беше направена измена на номинациите.
Кога минатиот месец беа објавени номинациите за Греми 2021 година, Бијонсе беше номинирана за најдобро видео за песната „Brown Skin Girl“, додека ќерка ѝ Ајви Картер ја немаше на листата, иако е потпишана како артист за песната. Поради тоа пред некој ден беше направена измена на листата и сега таму се најде името на осумгодишната Ајви, со што таа стана најмладата личност номинирана за оваа престижна музичка награда.
Исто така, при измените беше вклучен и нигерискиот пејач Визкид, кој се појавува во песната и видеото. Сеинт ЈХН кој има учество во создавањето на песната, но не и на видеото, не се најде на листата номинирани.
Греми за најдобро музичко видео најчесто се доделува на главниот и на споредните учесници во нумерата, како и на режисерот и продуцентот на видеото.
„Brown Skin Girl“ беше најавен како прослава на жените со црна боја на кожата, а во видеото покрај Бијонсе се појавуваат Лупита Нјонго, Наоми Кемпбел и Кели Роуланд.
Нумерата е дел од албумот „The Lion King:The Gift“ од 2019 година, на кој се најдоа песни инспирирани од филмот „Кралот лав“, во кој Бијонсе ѝ го позајми гласот на лавицата Нала.
„Brown Skin Girl“ ѝ донесе на Ајви Картер и други награди, меѓу кои две Соул трејн мјузик, БЕТ награда и НААЦП имиџ награда. Ајви Картер е потпишана како коавтор на песната покрај Бијонсе, Џеј Зи, Визкид, Сеинт ЈХН и други.