Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во видеопорака по повод Нова година ја истакна својата надеж дека Турција и во иднина ќе продолжи со напредок и бројни исчекори, јави агенцијата Анадолија.

Advertisements

Ердоган во тој контекст истакна дека никој не може да го негира фактот дека Турција со својот внимателен и умерен однос во меѓународните кризи се здоби со почитување од сите.

– Додека светот се бори со енергетска криза, ние, благодарение на нашата позиција, станавме центар на меѓународните канали за набавки и трговија. Се надеваме дека во 2023 година, благодарение на нашата визија на столетие на Турција, ќе започнеме многу поголем исчекор, што доликува на новото столетие на нашата Република, рече Ердоган.

Турција во 2023 година ќе ја прослави стогодишнината од основањето на Републиката.

Ердоган исто така истакна дека целта на Турција не е само влез во највисокиот ранг на глобалната група на политички и економски земји, туку постигнување на политичка и економска моќ на највисоко ниво.

– Демократијата и развојната инфраструктура што ја остваривме во нашата земја во последните 20 години ја гледаме како темел и почеток на овој голем прогрес. Наша цел е овој процес да го започнеме на најдобар и најефикасен начин и на нашите следни генерации да им оставиме држава во која можат да продолжат да го водат новото турско столетие кон успех во согласност со нашите цели, соништа и цивилизациско и историско наследство. Со овие чувства, се простуваме од 2022 година, а посакувам 2023 година да биде исполнета со мир, спокој и благосостојба, порача турскиот претседател.