Поранешниот премиер на Пакистан, Имран Кан, е под истрага за „терористички чин“ по политичкиот говор во кој ги обвини полицијата и судството за приведување и тортура на негов близок соработник.
Пакистанската полиција соопшти дека поранешниот премиер Имран Кан е под истрага и дека е обвинет за закани кон полицијата и правосудството, јавува Би-Би-Си .
Истрагата, наводно, била покрената откако Кан, во политичкиот говор во саботата, ги обвинил властите за мачење на неговиот близок соработник, кој и самиот бил приведен под обвинение за бунт. По тој повод, Кан ги осудил началникот на полицијата во Исламабад и судијата за притворот и наводното малтретирање на неговиот сопартиец.
Пакистанските власти го обвинија Кан дека ги прекршил антитерористичките закони со закани за владини претставници.
Би-би-си јавува дека во Пакистан има голема тензија поради обвинувањата против Кан. Поддржувачите на поранешниот премиер, кои се собраа пред неговата куќа во знак на протест, велат дека ќе го заземат градот доколку Кан биде уапсен.