Премиерот на Албанија, Еди Рама во својот говор на Самитот Отворен Балкан во Охрид упати низа критики кон Европската Унија. Рама вели дека Албанија повеќе не се подготвува за отворање на преговорите за членство.

„Два збора за Европската Унија и за оваа наредна свадба. Велам свадба затоа што штом се приближи Европскиот совет, како да се подготвуваме за свадба, кажав и претходно, Албанија веќе не се подготвува за таа свадба. Ако се направи свадба, ќе одиме со лежерна облека, нема да се облекуваме и украсуваме“, рече меѓу другото Рама.

Рама истакна дека земјите од регионот мора да направат промени, така што кога Европа ќе биде подготвена да ги прифати земјите од Западен Балкан, реформите веќе ќе бидат спроведени.