Одговорност мора да има и ќе има и лична, и морална и политичка, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во врска со прес-конференцијата на министерот за здравство, Илир Демири, за случувањата со хируршките сали на Универзитетската Клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.

Според Стоилковски, министерот не побарал одговорност од раководството, ниту од заедничките општи служби, а ниту лично тој не понел одговорност.

– Едноставно откри дека никој од менаџерите не чувствувал одговорност за состојбите во Хирургија! Десет дена воздухот не бил компромитиран само имал лоша миризба, 10 дена нема операции, салите се затворени, а министерот излегува во јавност без трошка срам затоа што нема одговор, рече Стоилковски.

Тој смета дека тоа е израз на самоволие, за кое што мора да има одговорност.

– Хирургија, Клинички, столбот на македонското здравство го рушат во темел, а Илир Демири нема појма што се случува. Но затоа, Илир Демири е доволно министер на СДС/ДУИ за да ги брани директорите и на Хирургија, и на Токсикологија, и да држи политички говори со обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ за болницата во Лешок, дополни тој.

Министерот за здравство, Илир Демири, на денешната прес-конференција, информираше дека досега никој не поднел оставка за крахот што се случи во здравствениот систем по проблемот со компресорските станици поради кој хируршките сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје не работат повеќе од една недела.

Во одговор на новинарски прашања по денешната прес-конференција, Демири изјави дека компресорските станици се во сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата и дека за нив не е одговорна Клиниката.