„ДУИ најостро ја осудува одлуката на премиерот и владата да заминат на еднонеделна посета во Обединетите Арапски Емирати – во Абу Даби и Дубаи – без присуство на ниту еден претставник од албанските политички партии во Владата. Овој чин претставува уште едно во низата понижувања и демонстрации на потценување кон коалициските партнери и уште поважно – кон албанскиот народ во земјата“, велат од ДУИ.

„Со оваа одлука, Владата јасно покажува дека албанските партии што одлучија да бидат дел од овој владин состав се сосема ирелевантни.

Дека се неми статисти, без тежина, без глас, без право на учество во носењето на државните политики. Оваа делегација не беше туристичка, туку државна – со директни импликации врз економските и политичките односи на нашата земја.

Оттука, отсуството на претставници на Албанските партии испраќа порака дека Албанците не се фактор кога се гради иднината на државата. Но ова не е само понижување за партиите – ова е уште поголемо понижување за сите Албанци.

Ги игнорираат нашите експерти, нашиот бизнис-сектор, нашата дијаспора и нашиот придонес во државата. Владата на тој начин создава две категории граѓани: едните што се носители на државата и другите – кои се третираат како гости во сопствениот дом.

ДУИ, како партија која со децении се борела за рамноправност, учество и достоинство на Албанците, не може и нема да молчи.

Ваквите постапки се уште една потврда дека Владата не ја сфаќа и не ја почитува суштината на мултиетничкиот карактер на државата.

Наместо рамноправност – добиваме игнорирање. Наместо партнерство – добиваме понижување.

Го повикуваме премиерот да се извини јавно пред Албанците и да даде отчет пред јавноста – дали ова е неговата визија за иднината?

И ги повикуваме албанските партии во Владата – да размислат дали со своето молчење стануваат соучесници во оваа дискриминација. ДУИ останува гласот и штитот на Албанците. И не смееме да дозволиме оваа политика на игнорирање и асиметрија да стане нормалност“, се наведува во соопштението на ДУИ.