Суштината е дека македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Унијата и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка. Ја имаме преговарачката рамка, ќе имаме и старт на преговори. Се предвидува дека ние веднаш ќе започнеме со процес на скрининг, јасно и гласно е предвидено и секоја друга земја членка на ЕУ, поминува низ овој скрининг процес, некаде траело осум, 12, 20 месеци, но, јас очекувам дека ако ние успееме да направиме уставни измени, до крај на декември може да имаме и втора меѓувладина конференција и да отвориме првиот кластер и поглавје, да навлеземе во суштината после скрининг процесот кој ќе го поминуваме заедно со Република Албанија.

Ова денеска го изјави пратеникот Арбер Адеми од ДУИ по средбата на партиските работни групи во Клубот на пратеници посветена на разгледување на последниот француски предлог за укинување на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската унија.

– Со потврдување на преговарачката рамка од 27 држави, вклучувајќи ја и Бугарија ќе се потврди дека македонскиот јазик е македонски јазик и службен јазик на Унијата. Во јавноста циркулираат вести дека немаме преговарачка рамка, сите претставници на ЕУ институции велат дека има преговарачка рамка и во документите со кои располагаме се вели има преговарачка рамка, посочи Адеми.

Протоколот, додаде тој, не е дел од преговарачката рамка и нагласи дека сме пред историски чин сме кога треба да се размислува за идните генерации.

– Дискутиравме и за предлогот од мнозинството за конкретни заклучоци кои би требало да се усвојат во Собрание. И за барањата на ВМРО-ДПМНЕ разговаравме за конкретни промени на преговарачката рамка. Тие барања се дел од предлогот што го имаме. Дали би можеле да имаме и дали би постоел подобар предлог, секогаш може да постои подобар предлог, но овој предлог е сериозен, треба да дадеме придонес сите ако ја сакаме татковината, дополни Адеми.

Елми Азири од Алијанса за Албанците појасни дека на состанокот се дискутирало за можен заеднички предлог заклучок од Собранието.

– Се согласивме да продолжиме со разговорите, ќе видиме како ќе течат работите, во исклучителен значаен момент сме за нашата држава не треба да ја пропуштиме оваа шанса зашто со години чекаме Република Северна Македонија да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ. Ова е надеж и треба како држава да ја материјализираме во смисла на тоа да ги отпочинеме преговорите, рече Азири.

Според него не е време за емоционални одлуки, туку „време за рационализирање на сите потешкотии кои можат да ни бидат како пречка на овој пат и одговорно како политичари да се однесуваме“.