Лекарите на Детската клиника не направиле грешка при лекувањето на седуммесечното бебе, кое почина на клиниката на почетокот на минатиот месец откога првин беше одбиено за хоспитализација, а по два дена, со влошена состојба, било примено на лекување. Министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека го добил извештајот од стручната комисија.
„Нема одговорност од докторите. Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделникот, ако не се лажам. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка. Можеби болеста си го направила своето, можеби доцна е донесено детето, меѓутоа констатирано е дека нема лекарска грешка“, рече министерот Таравари.
Низа вонредни инспекции беа направени на Детската клиника минатиот месец по смртта на седуммесечното бебе. Државниот санитарен и здравствен инспекторат забележа пропусти и укажа дека Клиниката била должна да издаде писмено образложение за одбивањето прием на болничко лекување, т.е. кога не бил направен прием на бебето, а констатира и дека не е решен проблемот со присуство на специјалист во дежурната амбуланта за што најави прекршочна постапка. ДСЗИ, по констатирањето на неправилностите, му предложи на министерот да формира стручна комисија во чија надлежност е да утврди дали лекарите направиле грешка при лекувањето на бебето.
Родителите на бебето за медиумите изјавија дека првиот пат кога побарале помош оти бебето имало црвенило на лицето и нозете, по направената лабораторија, ги прошетале клиниките во „Мајка Тереза“, завршиле на Детската клиника, од каде што ги одбиле за хоспитализација. Но, по два дена, му се влошила состојбата на бебето, се вратиле на Детската клиника и бебето било хоспитализирано, но за пет дена починало.
Текстот Докторите немаат никаква грешка за смртта на седуммесечното бебе на Детската клиника, Таравари го доби извештајот од стручната комисија е превземен од МАКФАКС.