ВОЈО МАНЕВСКИ 

Нема Европа со диктат, нема да ни диктираат текст за уставни измени, море ако не сме во неа нема ни Европа и готово!

Ова би било сосема според разбирање на работите и односите во светот на нашите опозиционери. Па ајде да расчистиме ние со таа превртлива госпоѓа.

А, што беше тоа Европа? Сестра на Кадмо? Ресторан во Охрид ли беше, нешто не се сеќавам? Нешто како незавршен проект кому му недостасува круна и на неа последниот скапоцен камен со милениумска историја и значење. Ѝ недостасува сонце и тоа нашето македонско, па сѐ да осветли и загрее, како што доликува. Како тоа не читаат претскажувања дека наидува студено време а тие немаат доволно енергија за загревање на комотните станови? Сонцето е ѕвезда и тоа единствена во нашиот систем, а ние сме деца на сонцето, без нас нема вистинско сонце.

Како мислат да го најдат гробот на Агенор, таткото на Европа без нас, затоа што тој некаде овде пред илјадници години е погребан? Како сонуваат да го комплетираат својот идентитет без основниот камен во темелот на Европската Унија како заедница со демократски критериуми, без нашите историчари и универзитетски професори по право. Невозможна мисија е тоа без диктирање од нашите избраници. А таа така недовршена задница Европа ни поставува диктати и тоа во разни, ама недоволно идентитетски имиња. Те Холандски, те Француски, час Бугарски па сега дури и Американски диктати. Одозгора дури не од цела Америка, туку само од дел од неа и како за инает половина од – Северна Америка. Место да се борат да го тргнат тоа „северна“ тие се гордеат со северџанската географска додавка и со федерална територијална организација. Глупаци! Само, кој ли им го измисли прекарот кој не можеме да го преведеме, дали е чичко или вујко СЕМ? Ете пред такви диктати ние треба да го свиеме милениумскиот врат на Аминта на Филип и не дај боже, на Александар Велики. Мало морген, што би рекол Циле од древната Македонија. Ако сакате да не имате за светла ѕвезда во круната не може да ни поставувате диктати туку со должна почит и церемонија ќе не ставите таму каде што ни е местото. Но пасаран, камаради!

Како мислите под диктат да го свиткате еден Николовски кој е капен во водите на Охрид веднаш по крстењето со водата во Периливлепта? Две децении се измачува да се издигне низ партиските скалила и сега вие нему ќе му поставувате диктат. А да знаете колку е зацврстен неговиот карактер низ диктатите на Груевски. Вашите белосветски диктати се како утрински далги на охридското езеро според она што мораше да му каже на Сашо и тоа пред камери и новинари.

Европа имала традиција и аристократија. Да, ама тоа не поминува кај нашите партиски челници. Знаат ли синокрвците дека не сѐ само тие потомци на грофови и лордови? Па и нашите се деца на поранешни директори, професори, амбасадори… и нашите не се тиква без корен! Достоинствено ја продолжуваат традицијата семејна. Можеле тие белосветски претставници со титула (заменици на заменикот на секретарот) да донесуваат диктати и да ни диктираат партиски соопшетенија а ние не сме смееле да ја продолжуваме професорската, амбасадорската или директорската функција на родителите?! И тоа само како наследство од овој транзицискиот период. Ако се разбркаме по археолошките наоѓалишта и архивите (посебно по архивите на „службите“), сигурно ќе направиме непрекинат синџир на вршители на државни функции далеку подолг од нивните латино американски презимиња.

Нема под диктат измена на Устав и нема објаснување пред јавноста? Нема ни заедничко соопштение? А зошто тие нам да ни диктирале соопштение? И како спомен на ваквите тортури кога ќе дојдеме на власт ќе ја повикаме Академијата да направи елаборат во кој буквата Д ќе се исфрли од нашата милениумска азбука и јазик. Ај да ги видам како тогаш ќе не диктираат. Смешки има да се наслушаме.

Мој предлог – место соопштение после средбата три дена нека се пушта старата револуционерна песна:

Паѓај сило и неправдо, ќе ти суди народот!

Бегајте од нас темнини, зазори и денот наш.

 Ако не е добар препевот, ќе помогне „ Левица“.

П.С.

Деца сме на Сонцето!

Само уште татко да не признае, ќе видат тие!

Превземено од Цивил Медиа