Денеска после седум години од упадот во Парламентот на 27 април 2017 година, и после крвавите сцени и судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, јавноста останува поделена дали напаѓачите беа уставобранители или насилници.

„ДПМНЕ наместо да се извинат пред јавноста, наместо да се покајат, за крвавиот четврток, тие осудените насилници ги нарекуваат херои и уставобранители. Учесниците на 27-ми април се насилници, а не уставобранители, како што велат Силјановска и Мицкоски. Не може насилниците,  што се обидоа да го суспендираат Уставот, на тој крвав ден, точно пред седум години, да бидат уставобранители. Поттикнати од ДПМНЕ, тие со насилство го бранеа режимот, а не Уставот“, велат денеска од СДСМ.

За некои маскираните го бранеле уставниот поредок и упадот е оправдан, додека за останатите, напаѓачите се терористи и порачуваат дека ваквиот немил настан не треба да се повтори, но никогаш нема да се заборави.

Судскиот процес за 27-ми април се водеше под контроверзни околности а власта предводена од СДСМ го одби и Законот за аменстија кој го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.