Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, во состав од претседателот на Комисијата, Арбер Адеми и членовите Фаница Николовска, Бети Рабаџиевска-Наумовска и Игор Здравковски, денеска учествуваа на заедничка интерпарламентарна средба на Комисиите за европски прашања и надворешни работи  на парламентите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Косово и Хрватска, што се одржа во Парламентот на Косово во Приштина, известуваат од прес-службата на Собранието.

На форумот, кој го отвори Арбереше Криезиу-Хисени, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора, поздравни говори имаа Саранда Богујевци, прва потпретседателка на Собранието на Косово, Бесник Бислими, прв вицепремиер за евроинтеграции, развој и дијалог и Доника Гервала Шварц, втора вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора во Владата на Република Косово.

Адеми во своето обраќање во сесијата посветена на Движење во процесот на евроинтеграција: предизвици, можности и стратегии за соработка, истакнал дека иницијативата за регионално обединување и разменување искуства и практики во врска со евроинтегративните процеси ќе придонесе за позитивни резултати во смисла на нивно унапредување и пристигнување до крајната заедничка цел, а тоа е членството во ЕУ.

Притоа, Адеми посочил дека земјава во континуитет одржува позитивен тренд на соработка и интензивна, билатерална комуникација на највисоко ниво со сите земји од Западен Балкан.

– Нашиот стратешки интерес е во насока на градење, збогатување и одржување на стабилни и просперитетни добрососедски билатерални односи, во сите области од земен интерес, и во таа насока, надминување на отворените прашања, рекол Адеми.

Тој нагласил дека треба да се искористи позитивниот моментум во ЕУ за процесот на проширување, кој реално добива на забрзување заради геополитичките околности и дека Северна Македонија не смее да заостане на својот пат кон ЕУ, поради условот кој ни е поставен во Преговарачката рамка, а тоа е измената на Уставот на земјата, со цел Бугарската заедница да се внесе во Уставот.

Адеми изразил надеж дека процедурата која е отпочната успешно ќе заврши и земјата ќе ги почне преговорите и ќе го отвори кластерот „Темели“.

Како што известуваат од Собранието, на средбата заеднички било констатирано дека регионот нема друга алтернатива и оти земјите од Западен Балкан својата иднина ја гледаат во Унијата.