Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека веќе се дефинирани производите и цените што ќе бидат вклучени во новогодишната кошничка.

„Како што сум информиран од министерот за економија, дефиниран е списокот на производи и артикли за пред Нова година, дефинирани се и цените“, изјави Мицкоски, додавајќи дека комуникацијата со коморите е веќе остварена.

Според премиерот, мерката „есенската кошничка“ покажа позитивни резултати, кои веќе се видливи во статистиките.

„Видовте дека по не знам колку време, месечната инфлација е во минус и изнесува -0,7 проценти, односно сме во дефлација кога ќе се споредат октомври и септември. Жал ми е што од опозицијата тоа беше критикувано, но бројките се немилосрдни. Ефектите од мерката граѓаните може да ги почувствуваат и се гледа во бројките, октомври има намалување, нема веќе инфлација, туку има дефлација од -0,7, а беше 0,3 отсто во септември во однос на август“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека намалувањето на инфлацијата е од корист за граѓаните, кои сега можат да заштедат меѓу 1.000 и 1.300 денари месечно.

„Тоа не е доволно, ќе продолжиме да работиме. Не можеме се веднаш и преку ноќ, но важно е да се гледа дека работиме, граѓаните да сфатат дека има генерација политичари кои сакаат да работат, веќе петти месец правиме се што можеме за животот на граѓаните да им биде подобар“, додаде Мицкоски.

Есенската кошничка беше во сила еден месец, односно цел октомври.