Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, на која ѝ беше изгласана недоверба, денеска поднесе оставка од функцијата во собраниската комисија.

Даути инсистираше да ја образложи оставката, но откако ѝ беше укажано дека тоа не е дозволено со Деловникот, таа одбиваше да ја напушти говорницата, па претседателот на Собранието, Африм Гаши даде пауза. По продолжението на седницата Даути ја образложи својата оставка.

Од Европскиот фронт посочија дека ќе ја почитуваат одлуката на Илире Даути и го осудија потегот на Гаши.

Од „Влен“ попладнево велат дека оставката е признавање на слабост и показател за неодговорност.

„Илире Даути, позната во својот клуб како челичната дама, денеска стана ‘рѓосана заедно со целиот Европски Фронт, прифаќајќи ја нејзината оставка и жалејќи што помогнала да се блокира Законот за бранителите. Иако главниот товар за оваа блокада го понесе претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој доби кривична пријава од Левица за покажаната решителност во блокирањето на овој преполовен закон предложен од опозицискиот партнер на ДУИ, СДСМ. Решиле да ги остават ВЛЕН и Африм Гаши сами во оваа битка. Но, ова воопшто не ја расипува работата, бидејќи, како што ја започнавме оваа битка одделно, така и ќе ја продолжиме на сличен начин“, велат од „Влен“.

Од тука потсетија дека како пратеничка група гласаа против интерпелацијата на Илире Даути, а таа самата ce разрешила за да биде виктимизирана, затоа што тоа е единствената улога што знае најдобро да ја одигра.

„Виктимизацијата не може да ги спаси од каењето по обидот да помогнат во блокирањето на Законот за Бранителите. Таа врескаше во Собранието со зборовите: ‘гонете се’, додека не замина сама. Илире, кога не си способна и немаш потенцијал да ја водиш Комисијата, најдобро е по твојата оставка од Комисијата да следи и оставка од Собранието“, додаде „Влен“.