Општеството кое наметнува сè повеќе императиви, им ги одзема на луѓето и времето и силата за нормален живот, дава малку пари за многу работа, брзотото темпо на живот, трката по заработувачка, целосно го урна системот на вредности.
Ако на ова гo додадеме нарушениот биоритам на повеќето луѓе, неправилната и неурамнотежена исхрана, загриженоста, анксиозноста, стресот, премалку одмор, премалку физичка активност, интоксицираноста со разни отрови, штетни материи и зрачењето од околината во која живее и работи човекот, општата несигурност во животот, недостатокот на мир и духовни надградби, ќе добиеме добитна комбинација за развој на многу болести, вклучувајќи ги и онколошките. Потребни се далеку поголеми промени во општеството за да се промени овој тренд. Медицината сама не може да го реши овој проблем.
Што го предизвикува настанувањето на најчестите форми на рак?
Психичкото, менталното и физичкото преоптоварување доведуваат до истоштеност и опаѓање на имунитетот и нарушувања на главните контролни механизми во нашиот организам, а тоа се невролошкиот и хормоналниот систем. Токму со тоа можеме да ги објасниме причините за појава на најчестите форми на рак (рак на дојка, рак на простата, рак на белите дробови…) кај жените и мажите во светот, вклучувајќи ја и Македонија. Дојките и простатата се хормонски зависни органи и затоа во нив најчесто се развиваат хормонско зависни карциноми. На овој факт се базира поголемиот дел од онколошката терапија на овие малигни тумори.
Белите дробови и цревата се органи директно изложени на секакви штетни агенси од воздухот и храната, па затоа не е изненадувачки големиот број карциноми во овие органи. Не постојат едноставни, евтини и ефикасни методи за брзо откривање на рак на овие органи кај голем број луѓе.
Методите кои со сигурност откриваат рак во овие органи се скапи, бараат скапа опрема и голема стручност на лекари кои тоа го можат и го знаат, а има малку од нив во однос на потребите. Времето е исто така значаен фактор, бидејќи спроведувањето на ваквите постапки трае долго време. Карциномите на белите дробови и цревата се многу агресивни во својата биологија и тешко се лекуваат, ако не бидат откриени додека сè уште се многу мали.
Мерките за примарна превенција се најефикасни, но даваат резултати на долги патеки. Едноставно, треба да живеете што е можно поздраво и со таквиот начин на живот да истраете целиот живот. Раното откривање на рак е побрз метод на превенција, но може само да ја намали смртноста. Голем проблем е ниската свест на луѓето за чувањето на здравјето како големо богатство и од друга страна, недоволната свест за важност на превентивните прегледи.