Американската полициска хумористична тв серија „Brooklyn Nine-Nine“ ќе престане да се емитува по одложената осма сезона, пишува „BuzzFeed“.

„NBC“ објави дека последната сезона ќе се состои од 10 епизоди и дека серијата нема да се емитува во телевизиската сезона 2020/21 како што првично беше планирано. Осмата сезона сепак ќе биде прикажана во текот на следната, 2021/22 година.

Да се стави крај на серијата беше навистина тежок избор, но сепак, сметаме дека тоа е најдобриот начин да им се оддаде почит на ликовите, приказната и на нашите гледачи“, изјави авторот на серијата Ден Гур.

Знам дека некои ќе бидат разочарани што заврши, но, искрено, среќен сум што траеше толку долго“, додаде тој.

„Brooklyn nine-nine“ премиерно беше прикажанa на „Fox“ во 2013 година. За многу кратко време стана популарна меѓу гледачите и во 2014 година освои „Golden Globe“ за најдобра серија.

Сепак, во мај 2018 година, серијата накратко беше откажана поради слабиот рејтинг, но „NBC“ подоцна истата година ја „нарача“ шестата сезона давајќи ѝ повторна шанса на култната серија.