Редовни консултации со бизнис заедницата се клучни за размена на меѓусебни мислења, а со цел успешност на активностите што ги спроведува Царинската управа, како и постигнување на подобри резултати, истакна директорот Николовски на денешниот состанок со членовите на Советодавното тело.
По реактивирање на Советодавното тело, во кое покрај Царинската управа членуваат Стопанските комори, асоцијациите и здруженијата денес се одржа вториот состанок на кој присутуните го усвоија новиот Деловник за работа, кој е во насока на унапредување на меѓусебната координација и системски пристап кон прашањата од заеднички интерес поврзани со царинските процедури.
На претставниците на деловната заедница им беа презентирани и клучните активности од донесената Стратегија за развој на Царинската управа и Акциониот план за 2025 – 2027 година преку бројните проекти во рамки на стратешките приоритети, со кои се поддржуваат реформските процеси во насока на олеснување на трговијата и управувањето со граничните премини.
За време на состанокот од членките на Советодавното тело беше поздравена успешната имплементација и ставање во функција на новиот транзитен систем НКТС фаза 5, кој е целосно усогласен со функционалностите според новите законски барања од Конвенцијата за заедничка транзитна постапка.
Директорот Николовски ја поздрави успешната и конструктивна дискусија, на која од сите членки на Советодавното тело беше заклучено дека продолжува соработката на оперативно ниво за сите отворени прашања од економските оператори поврзани со царинското работење.