Членови на Независниот синдикат за здравството во допис до медиумите информираа дека составиле иницијативен одбор и ќе бараат смена на, како што велат, нелегитимниот претседател, Боби Бојчевски.

Во писмото се наведува дека нивното барање доаѓа како резултат на тоа што Бојчевски веќе подолго време не се грижел за вработените во здравството и не го доживуваат како искрен претставник на нивните интереси.

„Бојчевски не прави ништо друго освен што го руши угледот на здравството и вработените во здравствениот систем. Веќе подолго време овој синдикат претставува “членарина” синдикат и машина за собирање само на финансиски средства без притоа членовите и здравствените работници да имаат вистинска борба за своите работнички права“, се вели во дописот.

Членството во синдикатот веќе собрало потписи за негова смена, а како што велат, доколку тој самиот не поднесе оставка, ќе поднесат пријава.