Лидерите на четирите политички групи кои го претставуваат мнозинството избрани членови на Европскиот парламент (ЕП) повикаа денеска да се „удвојат напорите“ во одбраната на Украина и европската безбедност.

„Европа повеќе не може да зависи само од САД во одбрана на своите вредности и заеднички интереси“, се вели во ретката заедничка изјава на лидерите на десницата, левицата, еколозите и центарот, пренесуваат медиумите во регионот.

Соочени со американско-руската дипломатска офанзива за ставање крај на војната во Украина, „Европската унија и нејзините земји-членки немаат друг избор освен веднаш да дејствуваат“, се вели во соопштението.

Најавата за отворање на преговорите меѓу Вашингтон и Москва за прекин на непријателствата во Украина тешко погоди многу европски лидери, загрижени дека нема да бидат вклучени во неа, стои во написите

Според лидерите на четирите групи европратеници, неопходно е „да се соочиме со новата реалност и да се удвојат напорите за одбрана на Украина и европската безбедност“.

Нашите групи се свесни за итноста и потребата од брза реакција за да ги обезбедиме потребните ресурси за нашата одбранбена политика“, се вели во соопштението.