Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.

„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.

Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.

Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.

На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.

Текстот Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола е превземен од МАКФАКС.