Фудбалскиот Kлуб Челзи продолжи вртоглаво да троши пари на засилувања за тимот на Грaхам Потер. Новиот сопственик Тод Боели не запира, инвестира и ги исполнува сите желби на управата.
Во тимот од Лондон сега пристигна Нони Мадуеке од редовите на ПСВ Ајндховен. Се работи за крилен напаѓач кој има 20 години, а за него „сините“ кешираа 35 милиони евра. Мадуеке парафира соработка со клубот од „Стемфорд Бриџ“ на седум ипол години, со опција за уште една, а по трансферот кажа дека е пресреќен.
„Челзи е најдобриот тим од Лондон. Навистина сум среќен што доаѓам во еден од најдобрите клубови на светот. Враќањето во Англија и Премиер лигата ми е сон“, кажа Мадуеке.
Овој фудбалер ја започна кариерата во младинските тимови на Тотенхем, меѓутоа уште во 2018 година се пресели во ПСВ. По добрите партии во Ајндховен, сега ќе добие шанса за деби во Премиер лигата./Gol.mk/