Британскиот крал Чарлс Трети ќе го предводи кралското семејство во поворката зад ковчегот на неговата мајка, кога ќе се упати кон катедралата во Единбург, јави ДПА.
Кралицата Елизабета Втора ќе биде однесена од палатата Холирудхаус во блиската катедрала Сент Гилс каде нејзиното семејство и луѓето од сите области на шкотското општество ќе присуствуваат на службата за благодарност за нејзиниот живот.
Деталите за присуството на ожалостеното кралско семејство се уште не се објавени, но има шпекулации дека војводата и војвотката од Сасекс и новиот принц и принцеза од Велс, кои во саботата се обединија за време на појавувањето во замокот Виндзор, ќе бидат дел од групата.
Чарлс Трети пеш ќе предводи некои од членовите на кралското семејство, а се очекува тоа да бидат војводата од Јорк, грофот од Весекс, принцезата Ројал и нејзиниот сопруг вицеадмиралот Сер Тим Лоренс – додека ковчегот на кралицата и другите членови на монархијата ќе ги следат со автомобили.
Присутните ќе може да го гледаат ковчегот на кралицата и да му оддадат последна почит 24 часа пред да биде однесен во Лондон, додаде ДПА.
Кралот и другите членови на неговото семејство вечерва ќе бдеат во катедралата во чест на нивната мајка.
Чарлс и Камила во моментов се во Лондон, но пред да заминат за шкотската престолнина ќе ја посетат Вестминстерската сала каде двата дома на британскиот Парламент ќе изразат сочувство до новиот монарх и неговата сопруга, а кралот ќе одржи говор.