Виралното видео „Charlie Bit My Finger“ што се појави на „Youtube“ во 2007 година и досега има речиси милијарда прегледи, ќе биде отсртането од платформата.
Eдно од најомилените смешни видеа каде бебето Чарли го гризе прстот на неговото постаро братче Хари, ќе биде тргнато од „Youtube“ откако беше продаден за 760.999 американски долари. Семејството Дејвис-Кар го објави на аукција клипот како „NFT“ или не-замавлив токен.
Цената драматично се зголеми во последните часови во неделата, а главната битка за наддавање се водеше помеѓу две анонимни сметки. Видеото требаше да биде отстрането од „Youtube“ на 23 мај, по аукцијата – но во моментот сè уште е таму.
„NFT“ технологијата е растечки тренд во светот на дигиталната уметност. Таа служи како одреден вид колекционерски сертификат за автентичност или доказ за поседување на дигитална сопственост, но сопственикот всушност не ги купува авторските права – што значи дека уметничкото дело што го претставува „NFT“ сè уште може да се прикаже каде и да избере оригиналниот уметник или творец. Ова значи дека е невообичаен потег за креаторите на „Charlie Bit My Finger“ да изберат да го отстранат своето видео од „YouTube“.
„NFT“ овозможува оригиналните верзии на вирални видеа, „мемиња“ или твитови да може да се продаваат како да се уметнички дела. На тој начин, креаторите на вирални видеа можат да остварат профит, па така, „Disaster Girl Meme“, слика од мало девојче кое насмеано стои пред камерата додека куќа гори во позадината, неодамна беше продадена како „NFT“ за 473.000 американски долари, додека пак десет години старото „меме“ „Њан Кет“, беше продадено за 580.000 американски долари во февруари.
Купувачите избираат да инвестираат во „NFT“ од повеќе причини, вклучително и носталгија – но дали ова ќе се покаже како инвестиција со долгорочен потенцијал или само привремена лудост, останува да видиме.
Хари и Чарли денес имаат 17 и 15 години. Нивното семејство верува дека со започнувањето на следното поглавје од нивниот живот, и видеото заслужува „нов живот“ по аукцијата.
Семејната веб-страница вели дека видеото е снимено како „дел од регистрирање моменти од детството на момчињата“, и дека „ненамерно стана популарно“. Семејството сѐ уште не открива што планира да направи со парите.